Најмалку 41 лице загина во две одделни несреќи на југот на Индија – во фармацевтска фабрика и во фабрика за пиротехника, потврдија официјални лица.
Во државата Телангана, силна експлозија предизвика пожар во производствен погон на компанијата „Сигачи Индастрис“ во округот Сангереди, при што животот го загубија најмалку 36 лица. Според информациите од локалната противпожарна служба, пожарот довел до уривање на дел од зградата, под чиј урнатини биле затрупани работници.
„Извлековме 36 тела од под урнатините“, изјави Нагешвара Рао, претставник на пожарникарската служба. Во тек е истрага за причините на експлозијата, а локалната влада формираше високо овластена комисија за расветлување на инцидентот.
Индискиот премиер Нарендра Моди изрази длабоко жалење за загубата на човечки животи и најави исплата на отштета за семејствата на загинатите и за повредените лица.
Во друг одвоен инцидент, најмалку петмина работници загинаа во експлозија што се случи во фабрика за огномет во државата Тамил Наду. Несреќата се случила во областа Сивакаси, позната по производство на пиротехнички материјали.
„Потврдивме смрт на пет лица во експлозијата“, изјави претставник на противпожарната служба во округот Вирудхунагар за агенцијата „Анадолу“.
Истрагите за двата трагични настани се во тек.






