Паника: Зеленски сака „европски штит“ против Москва
Украина сака со своите европски партнери да создаде заеднички противвоздушен штит против руските закани, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претходно, лидерите на НАТО изјавија дека Русија со своите упади во воздушниот простор на Полска и балтичките земји ја тестира подготвеноста и решителноста на Алијансата, додека Киев истакна дека украинското искуство во спречувањето на ваквите воздушни закани би било корисно, пренесува Ројтерс.
„Украина предлага на Полска и на сите наши партнери да изградиме сигурен штит од руските воздушни закани“, рече Зеленски во обраќањето преку видео-врска на Безбедносниот форум во Варшава.
Тој додаде дека тоа е возможно и дека Украина може да спречи сите видови напади со руски дронови и ракети, како и дека заедничкото делување во регионот би овозможило доволно оружје и производни капацитети.
На прашање да ги коментира ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски одговори дека неговата позиција кон Украина и безбедноста во Европа се променила.
„Ставот на претседателот Трамп е, според мое мислење, од денес вистински избалансиран и ја поддржува украинската перспектива, иако тој несомнено сака да остане посредник меѓу нас и Русија за да ја заврши оваа војна“, заклучи украинскиот претседател.







