Неколку минути пред 22 часот, студентите го објавија крајот на протестот што се одржа на плоштадот Славија во Белград, на кој, според Архивата на јавни собири, учествуваа околу 140.000 граѓани.
„Земете ја слободата во свои раце, ние веруваме во вас, вие имате зелено светло“, порачаа организаторите при завршувањето на протестот, кој до тој момент течеше мирно.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека „очекува насилство“, алудирајќи на странско финансирање на протестите. На прес-конференцијата што ја одржа во 11 часот, тој рече дека „Србија победи и не може да биде победена“, и најави низа инфраструктурни и економски проекти, вклучувајќи отворање на нови фабрики и пуштање во сообраќај на нови делници од автопати.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека вкупно 48 полицајци биле повредени, а дека инцидентите започнале по 21 часот, кога, според него, група учесници го нападнала полицискиот кордон. „Полицијата беше принудена да интервенира“, рече Дачиќ, додавајќи дека на протестот имало околу 36.000 лица, што е значително помал број од оној што го пријави Архивата на јавни собири.
Студентите, пак, останаа доследни на своите пораки за ненасилна борба и граѓанска мобилизација.






