Илјадници демонстранти се собраа во саботата на централниот плоштад во Софија протестирајќи против одлуката на бугарската влада за воведување на еврото како официјална валута од 1 јануари 2026 година. Демонстрантите, предводени од граѓански здруженија, националистички и проруски партии, бараат одлуката да се донесе преку референдум, а не еднострано од страна на институциите.
На плоштадот беше поставен транспарент со натпис: „Битката за бугарскиот лев е последна битка за Бугарија“, а дел од демонстрантите најавија поставување шатори и формирање симболичен „Град на левот“.
Бугарија, членка на Европската Унија од 2007 година, се наоѓа во завршната фаза од пристапувањето кон еврозоната. Финалната институционална одлука се очекува на 8 јули, кога Европскиот парламент и Советот за економски и финансиски прашања треба да го потврдат влезот на земјата во монетарната унија.
И покрај официјалната поддршка од Брисел, противниците на еврото шират загриженост за потенцијалните економски последици, тврдејќи дека промената би можела да ја влоши сиромаштијата и економската нестабилност. Од друга страна, економистите нагласуваат дека ефектите од усвојувањето на еврото ќе бидат ограничени на краток рок.
Незадоволството се надоврзува на деценискиот евроскептицизам во земјата, кој е подгреван од политичка нестабилност и корупција од влезот на Бугарија во ЕУ до денес.







