Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но денеска е забележана значително зголемена фреквенција на возила, особено кон граничните премини, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголеми гужви има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата се движи од 15 до 30 минути. На преминот Богородица состојбата е уште поинтензивна – патниците чекаат до 40 минути за излез од државата. На ГП Дојран задржувањата се меѓу 20 и 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна, но со зголемен сообраќај. Апелираме до сите возачи да се движат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат патната сигнализација, особено на делниците каде има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез или излез од државата.







