Кина и САД ги потврдија деталите од новиот трговски договор
Кина и САД постигнаа согласност за конкретни чекори во рамки на договорот постигнат на неодамнешните трговски преговори во Женева, соопшти денеска кинеското Министерство за трговија (MOFCOM), пренесе „Global Times“.
Според договореното, Пекинг ќе започне забрзан процес за одобрување на извозот на контролирани производи – особено ретки земјени елементи кои се клучни во производството на висока технологија, вклучително и електрични возила. Од своја страна, Вашингтон се обврза на укинување на серија рестриктивни мерки и санкции насочени кон кинески компании и производи.
Договорот е резултат на повеќемесечна интензивна дипломатска активност, вклучително и разговори во Лондон, каде кинеските и американските преговарачки тимови одржаа директна и „конструктивна комуникација“.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека се надева оти договорената рамка ќе отвори дополнителен простор за економски и трговски консултации, во духот на телефонскиот разговор меѓу претседателите на двете земји одржан на 5 јуни.
Овој чекор се смета за потенцијално олеснување на тензиите меѓу двете водечки економии, особено во чувствителните сектори како што се микроелектрониката, обновливите извори на енергија и автомобилската индустрија.






