Според наводи објавени во јулско-августовското издание на угледниот американски магазин Foreign Affairs, американските разузнавачки служби дошле до информации дека Пакистан тајно работи на развој на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), со потенцијален дострел до територијата на САД.
Иако официјален Исламабад со години тврди дека неговиот нуклеарен арсенал е насочен исклучиво кон одржување на регионалната рамнотежа со Индија, новите извештаи упатуваат на амбиции што далеку ја надминуваат таа рамка. Аналитичарите сметаат дека мотивите може да се кријат во стравот од евентуална американска интервенција во случај на ескалација на конфликтот со Индија.
„Извори блиски до американските разузнавачки структури веруваат дека Пакистан развива ракета со домет од над 5.500 километри – што би ја вметнало во категоријата на интерконтинентални балистички ракети и би ѝ овозможило да погоди цели во САД“, се наведува во текстот на Foreign Affairs.
Овие наводи, доколку се потврдат, би означиле сериозен пресврт во глобалната нуклеарна рамнотежа. Пакистан би можел да се најде во истата стратегиска класа со нуклеарните сили како Русија, Кина и Северна Кореја – и би бил третиран како директен потенцијален противник од страна на Вашингтон.
Досега, најмоќната ракета во арсеналот на Пакистан е „Шахин-III“, со дострел до 2.700 километри – доволно да ја покрие целата територија на Индија. Но, развојот на ICBM би значел радикално проширување на пакистанските стратешки капацитети.
Се проценува дека Пакистан моментално располага со околу 170 нуклеарни боеви глави. Земјата никогаш не го потпиша Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPT), а модернизацијата на нејзиниот ракетен арсенал се одвива надвор од какви било меѓународни контролни механизми.
Како реакција на активностите на Пакистан, САД уште во 2023 година воведоа санкции против Националниот развоен комплекс на Пакистан и уште три поврзани компании – мерки што вклучуваат замрзнување на средствата и забрана за соработка со американски субјекти.
Пакистанските власти ги отфрлија наводите како „политички мотивирани“ и негираа дека развиваат ракета со интерконтинентален домет. Од Исламабад порачуваат дека нуклеарниот програм останува строго дефанзивен и е насочен кон „одвраќање и зачувување на регионалниот мир“.






