Северна Кореја следната недела официјално ќе го отвори одморалиштето Вонсан-Калма на брегот на Источното Море, во обид да започне нова ера во туризмот, јави државната агенција KCNA. Комплексот прво ќе биде достапен само за домашни посетители, додека не се знае кога ќе се овозможи целосен прием на странски туристи.
Се работи за најголем туристички проект во земјата, со капацитет за околу 20.000 гости, каде ќе бидат достапни морски активности, спорт, забава и угостителски објекти. Изградбата бараше значителни државни вложувања, а властите признаваат дека туризмот на подолг рок ќе мора да се потпира на кинески и други странски посетители.
Лидерот Ким Џонг Ун лично ја отвори туристичката зона, оценувајќи ја како „еден од најголемите успеси на годината“ и „прв чекор кон развој на туризмот“. На церемонијата присуствувал рускиот амбасадор, но не и претставници од Кина.
Иако во февруари 2024 Северна Кореја повторно почна да прима руски туристи, кинеските групни тури, кои доминираа пред пандемијата, сè уште не се обновени. Ниту туристите од САД и Јужна Кореја не се очекуваат наскоро, и покрај сигналите за дијалог од лидерите Ли Џе Мјунг и Доналд Трамп.
Во март годинава, туристичките агенции повторно ги суспендираа посетите, иако мала група странци ја посети земјата во февруари по пет години пауза.






