Шпанскиот премиер Санчез: „Ситуацијата во Појасот Газа е катастрофална и геноцидна“ – повик за суспензија на договорот на ЕУ со Израел
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, денеска оцени дека ситуацијата во Појасот Газа е катастрофална и геноцидна, повикувајќи ја Европската унија веднаш да ја суспендира соработката со Израел.
Обраќајќи се на новинарите пред Самитот на ЕУ во Брисел, Санчез се повика на последниот извештај на дипломатската служба на Унијата за состојбата со човековите права во палестинската енклава. Тој истакна дека е „повеќе од очигледно“ дека Израел ги крши своите обврски и дека ЕУ треба итно да го суспендира договорот за соработка.
„Нема логика што воведовме 18 рунди санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, а истовремено, поради двојни стандарди, не сме во состојба да го суспендираме договорот со Израел“, рече Санчез.
Извештајот на ЕУ за човековите права во Газа ја потенцира израелската блокада на хуманитарна помош, високата бројка на цивилни жртви, нападите врз новинари и масовното раселување и разурнување предизвикано од војната.
Минатиот месец, Израел официјално го повика шпанскиот амбасадор на формална забелешка, откако Санчез го опиша Израел како „геноцидна држава“.






