Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да започне судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој се товари за кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Обвинението се однесува на трагичниот настан од јануари годинава, кога Васил Јованов, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја удри 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански Одреди“, при што таа почина на лице место.
Според Обвинителството, Зоран Јованов во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година, свесно му дозволувал на својот син да управува моторно возило, иако знаел дека тој нема возачка дозвола и веќе бил сторител на повеќе сообраќајни прекршоци и кривични дела.
„Обвинетиот со општоопасно дејствие предизвикал опасност по животот и телото на луѓето, лекомислено сметајќи дека нема да настапат штетни последици,“ стои во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).
Во документот се наведува дека таткото му давал на својот син да управува со возилото „Пежо 207“, иако знаел за неговото проблематично минато, вклучително и:
сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година,
11 сообраќајни прекршоци во текот на 2023 и 2024 година (возење без дозвола, под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајни правила),
како и сообраќајна несреќа со смртни последици на 29 јануари 2025 година.
На 13 мај годинава, судот во Скопје му изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов, кој претходно ја призна вината за сообраќајната несреќа во која животот го загуби Фросина Кулакова. Дополнително, му беше изречена забрана за управување со моторно возило во траење од пет години, како и парична казна.
Во пресудата беа земени предвид олеснителни околности – признанието и изразеното каење, додека како отежнителни фактори беа наведени сериозноста на делото, претходна осуда за трговија со дрога и повеќекратните прекршоци во сообраќајот.






