Американската воена база лоцирана во западниот дел на сириската провинција Хасака била цел на минофрлачки напад, јавува иранската новинска агенција Mehr, повикувајќи се на повеќе независни извори.
Според наводите, нападот бил извршен во утринските часови, а веднаш потоа биле воведени засилени безбедносни мерки на главниот влез од базата.
Арапската новинска агенција Al Malomah објави дека минофрлачка граната погодила објект во рамки на базата, но засега нема официјални информации за тоа кој го извршил нападот или од каде потекнува гранатата.
Како одговор на инцидентот, американските сили во базата биле ставени во состојба на висока борбена готовност. Над објектот се подигнати неколку хеликоптери, а американски војници извршиле претрес на поширокото подрачје околу базата во потрага по евентуални напаѓачи или траги.
Од страна на американската војска сè уште нема официјална потврда или коментар за нападот. Ситуацијата останува напната, а повеќе извештаи сугерираат дека ваквите инциденти стануваат сè почести во нестабилниот североисточен регион на Сирија, каде што се присутни американски контингенти.






