Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент утре во 9 часот ќе го разгледува и ќе гласа за Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц. Оваа точка е прва на дневниот ред, а вниманието е насочено кон јасната поддршка за македонскиот јазик и идентитет што произлегува од самиот текст на документот.
Претходно, гласањето беше одложено на 4 јуни на барање на Вајц, поради притисоци од бугарски европратеници кои се противеа на формулациите поврзани со македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш истакна дека бил сведок на интензивни политички дебати, но останува цврсто на ставот дека документот ја одразува заедничката позиција на сите пратенички групи во Европскиот парламент.
„Овој извештај не е наменет за решавање на билатерални прашања помеѓу Бугарија и Македонија. Тој се фокусира на владеењето на правото, правата на малцинствата и усогласеноста со европските политики“, нагласи Вајц, образложувајќи го барањето за одлагање.
Во извештајот, меѓу другото, се повикува на забрзување на преговорите за членство во ЕУ, како и на спроведување на уставните измени. Особено значајни се формулациите со кои експлицитно се признаваат македонскиот јазик и идентитет, што предизвика остри реакции кај дел од бугарските европратеници.
Во пресрет на утрешното гласање, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува усвојување на извештајот со јасна порака во одбрана на македонскиот идентитет. Тој предупреди дека во Брисел биле активирани обиди за ревидирање на документот, со цел да се релативизираат формулациите за јазикот и идентитетот.
„Деновиве добив вознемирувачки информации за силен ангажман на одредени политички кругови во Брисел. Сепак, заедно со министерот за надворешни работи, успеавме да го амортизираме обидот за удар врз македонскиот идентитет“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека биле направени обиди термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ да бидат заменети со формулации како „модерен македонски“ или „сегашен македонски народ“, што, според него, претставува обид за редефинирање на нацијата и подривање на кредибилитетот на Европската унија.
„За жал, постојат европратеници кои дејствуваат во таа насока, но за среќа, огромното мнозинство стои зад нашите аргументи. Ќе продолжиме да се бориме за достоинството на македонскиот народ“, додаде премиерот.
Според официјалната агенда на Европскиот парламент, бугарски пратеници поднесоа неколку амандмани, а дел од нив бараат дури извештајот воопшто да не биде разгледуван. Сепак, извештајот на Вајц останува на дневен ред и се очекува гласно изјаснување на европратениците во одбрана на македонската посебност.







