Директорката на Националната разузнавачка служба на САД, Тулси Габард, сега тврди дека Иран би можел да произведе нуклеарно оружје „во рок од неколку недели“.
Во март, пред сенатскиот комитет, таа изјави дека Иран не развива нуклеарно оружје. По реакцијата на претседателот Доналд Трамп дека не е во право, Габард ја обвини јавноста и медиумите за искривување на нејзините зборови, но сега повторно тврди дека верува оти Иран може да изгради нуклеарно оружје за неколку недели.
Претседателот Трамп инсистира дека Иран собра „огромни количества материјал“ и дека може да поседува оружје во рок од неколку недели или месеци, додавајќи дека САД не смеат да го дозволат тоа.
„Два недели се максималниот рок кој Иран го има за постигнување договор со САД“, рече Трамп. Во четвртокот тој изјави дека во наредните две недели ќе донесе одлука дали САД ќе се вклучат во напади врз Иран. Тој ја нарече оваа временска рамка „максимален рок“ за договор, при што напомена дека одлуката може да биде донесена и порано.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на почетокот на месецот изрази загриженост дека Иран собра доволно ураниум збогатен на 60% — што е само еден технички чекор до потребното збогатување од 90% за производство на нуклеарно оружје — доволно за производство на девет нуклеарни бомби.
Во меѓувреме, Трамп вчера на аеродромската писта, пред својот претседателски авион Air Force One, разговараше со новинарите.
На прашањето кои разузнавачки информации ги поседува што укажуваат дека Иран гради нуклеарно оружје, особено кога претходно американските разузнавачки служби тврдеа дека немаат докази за тоа, Трамп одговори: „Тогаш моите разузнавачки служби беа во заблуда. Кој од разузнавачката заедница го кажа тоа?“
Новинарот рече дека тоа била директорката Тулси Габард, на што Трамп веднаш возврати: „Таа не е во право.“
Во март, Габард изјави дека американските разузнавачки агенции утврдиле дека Иран не го обновил својот прекинат програм за развој на нуклеарно оружје од 2003 година, и покрај тоа што земјата има најголеми резерви на збогатен ураниум откако се вршат мерења. Токму збогатениот ураниум е клучна компонента за производство на вакво оружје.






