Најмалку 585 лица се убиени, а 1.326 се ранети во израелските напади врз Иран, соопшти денеска групата „Активисти за човекови права“ со седиште во Вашингтон.
Според нивните податоци, меѓу загинатите има 239 цивили и 126 припадници на иранските безбедносни сили. Организацијата вели дека ги добила овие бројки преку сопствена мрежа извори на терен, како и преку споредба со информации објавени во локалните медиуми и од извори во самата земја.
Иранските власти, пак, во понеделникот соопштија значително пониски бројки – 224 загинати и 1.277 повредени.
Оваа активистичка група претходно беше меѓу ретките што прецизно го следеа бројот на жртви за време на протестите во 2022 година поради смртта на Махса Амини, и ужива доверба кај дел од меѓународната јавност.
Сѐ уште нема независна потврда на ниту една од верзиите.






