Иранските власти денеска ги повикаа европските земји да преземат чекори за запирање на израелските воени дејствија, во четвртиот ден од ескалацијата меѓу двете непријателски држави.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека Германија, Франција и Велика Британија требало јасно да ги осудат, како што рече, „злосторствата на ционистичкиот режим“.
„Очекуваме од европските држави не само да изразат загриженост, туку активно да работат на ставање крај на израелската агресија и да ги осудат нападите врз иранските нуклеарни постројки“, нагласи Багаи.
Тој апелираше и до Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да реагира со јасна осуда на, како што рече, нападите на Израел врз цивилни ирански нуклеарни капацитети.
„Станува збор за мирнодопски нуклеарни објекти кои се под постојан надзор на МААЕ. Очекуваме агенцијата да заземе цврст став и да го осуди овој чин на денешната итна седница на Одборот на гувернери во Виена“, додаде тој.







