Гроси: Нуклеарните постројки во Иран не се оштетени во израелските напади
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска соопшти дека нуклеарните постројки во Бушер, Исфахан и Фордов не претрпеле оштетувања во израелските напади врз Иран, како и дека не е регистрирано зголемување на радијацијата на нуклеарната локација во Натанз.
Гроси на социјалната мрежа Икс објави дека иранските власти го информирале МААЕ дека нуклеарната централа во Бушер не била мета на нападите, како и дека нема зголемување на радиоактивното зрачење во Натанз.
„Понатамошните контакти со иранските власти ја потврдуваат неповреденоста на нуклеарниот полигон во Исфахан. Се уште нема оштетувања на постројката за збогатување гориво во Фордов. Агенцијата внимателно ја следи загрижувачката состојба во Иран. Можеме да потврдиме дека локацијата во Натанз била меѓу целите на нападот. Се одржува континуиран контакт со иранските власти и со нашите инспектори на теренот за да се следи нивото на зрачење“, напиша Гроси.
Израел ги изведе нападите рано изутрината, а според иранската новинска агенција Ирна, во нападите биле убиени повеќе воени команданти, научници и цивили.






