Министерството за надворешни работи на Израел официјално ги демантираше изјавите на израелскиот амбасадор во Украина, Михаел Бродски, кој тврдеше дека Израел ѝ испорачал ракетни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ на Украина, пренесе украинската агенција „Укринформ“.
„Израел не ѝ дал такви системи на Украина“, соопшти Министерството како одговор на прашање од израелскиот портал Ynet.
Извештајот на Ynet наведува дека Русија побарала официјално појаснување од Израел поради изјавата на амбасадорот во Киев, што го поттикнало и службеното демантирање.
Да потсетиме, израелскиот амбасадор Михаел Бродски претходно изјави дека Израел на Украина ѝ ги дал системите „Патриот“ што ги добил од САД во почетокот на 1990-тите години. Овие тврдења беа остро демантирани од официјален Тел Авив, кој истакнува дека ваква трансакција не се случила.







