САД се подготвуваат за делумна евакуација на својата амбасада во Багдад поради зголемени безбедносни ризици во регионот, соопштија три американски и два ирачки извори. Истовремено, американски официјален претставник потврди дека и семејствата на американските војници во Бахреин ќе бидат привремено повлечени поради ескалација на регионалните тензии.
Иако не се прецизира кои точно закани го поттикнале ваквиот чекор, се верува дека одлуката е поврзана со сѐ понапнатите односи меѓу Вашингтон и Техеран. Претседателот Доналд Трамп неодамна повторно се закани со напад врз Иран доколку пропаднат преговорите за нуклеарната програма, изразувајќи сомнеж дека Техеран ќе се согласи да прекине со збогатување на ураниум — што е еден од клучните американски услови.
Како одговор, иранскиот министер за одбрана Азиз Насирзаде порача дека Иран ќе ги нападне американските бази доколку преговорите пропаднат, што би можело да доведе до отворен конфликт.
Американскиот Стејт департмент планира организирано повлекување на дипломатскиот персонал од Багдад, првенствено преку комерцијални канали, но армијата е подготвена да интервенира доколку биде потребно.
Од ирачкото Министерство за надворешни работи потврдија „делумна евакуација“ поради „потенцијални безбедносни закани“ поврзани со зголемените тензии во регионот. Сепак, ирачката влада соопшти дека досега не се забележани конкретни безбедносни индикации што би наложиле итна евакуација.
Во меѓувреме, американски извори наведуваат дека операциите на базата Ал Удеид во Катар продолжуваат нормално, без налози за евакуација. Исто така, амбасадата на САД во Кувајт останува целосно оперативна.







