По неколкумесечна политичка нестабилност, Јужна Кореја денеска избира нов претседател, кој ќе го наследи конзервативецот Јун Сук-Јол, разрешен поради воведувањето вонредна состојба во декември. Победникот ќе положи заклетва веќе утре, без вообичаениот преоден период.
Според анкетите, либералот Ли Џе-Мјунг, кандидат на Демократската партија, е јасен фаворит со поддршка од 46 до 49 отсто. Конзервативецот Ким Мун-Су заостанува со 35 до 37 проценти и води кампања без отворено дистанцирање од поранешниот претседател Јун, што, според аналитичарите, му штети кај умерените гласачи.
Ли, кој во 2022 тесно загуби од Јун, водеше две парламентарни иницијативи за негово отповикување, пред Уставниот суд да го разреши. Тој најави казни за одговорните за воведувањето на вонредната состојба, што ги загрижува неговите противници поради ризик од политичка одмазда и уште подлабока поларизација.
Ким, поранешен министер за труд, ја води својата кампања во обид да ја врати довербата во конзервативната Партија на народната моќ. Одби да го поддржи предлогот за заеднички кандидат на десницата, што доведе до дополнително расцепување на нивниот електорат. Еден од противкандидатите, Ли Џун-Сеок, го критикуваше со експлицитен и навредлив јазик, предизвикувајќи јавна осуда.
Изборната кампања се води во остар и навредлив тон, со лични напади и без јасна визија за иднината. За разлика од претходните избори, темата за Северна Кореја е маргинализирана, а сите кандидати имаат сличен став – Пјонгјанг нема намера да се откаже од нуклеарната програма.
Главните надворешнополитички предизвици се фокусирани на односите со САД и политиката „Америка прва“ на Доналд Трамп. Новиот претседател ќе има само неколку недели да преговара со Вашингтон пред 9 јули, кога истекува паузата за глобалните царини, што може да ја загрози извозно ориентираната економија на Јужна Кореја.






