Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Владимир Медински, изјави дека Украина ќе изгуби уште повеќе територии доколку не прифати руски услови за ставање крај на војната. Во интервју за The Wall Street Journal, Медински оцени дека Русија не може да се победи во долготрајни конфликти, повикувајќи се на 21-годишната војна со Шведска во 18. век како историски пример.
„Со Русија е невозможно да се води долг воен конфликт. Секогаш победуваме на крајот“, изјави тој, пренесе Reuters.
Медински нагласи дека Москва сака мир, но предупреди дека ќе одговори соодветно ако, како што рече, „Киев и понатаму ги следи интересите на странски сили“.
Русија сака мир, но со свои услови
„Желбата на Русија е мир. Но, ако Украина продолжи да се води од националните интереси на други држави, тогаш едноставно ќе бидеме принудени да реагираме“, изјави Медински по последната рунда преговори во Истанбул.
Во разговорот, тој не прецизираше кои се тие „руски услови“ за прекин на конфликтот, но повторно го истакна ставот дека Украина и Западот не треба да се обидуваат да ги повратат, како што ги нарекува, „новите територии“ што Русија ги анектираше.
Предупредување за нуклеарна ескалација
Во претходно интервју за Russia Today, Медински отиде чекор подалеку, предупредувајќи дека доколку конфликтот се замрзне без постигнување вистински мир, постои ризик од ескалација до нуклеарна војна. Според него, во таков случај, Киев и НАТО би се обиделе да ги повратат териториите што Русија ги смета за свои.
Изјавите на Медински доаѓаат во период на зголемени тензии меѓу Русија и Западот, во услови кога офанзивата на источниот фронт не покажува значајни промени, а дипломатските напори за мирно решение сè уште се без конкретен напредок.






