Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Лос Анџелес би бил целосно уништен доколку тој не наредел распоредување на војската среде масовните протести против имиграциските рации. Во објава на платформата Truth Social, Трамп наведе:
„Да не испратив трупи во Лос Анџелес, тој некогаш убав и голем град сега ќе беше изгорен до темел – како што изгореа 25.000 куќи поради неспособноста на гувернерот и градоначалничката.“
Трамп распореди околу 4000 припадници на Националната гарда и 700 маринци во градот, и покрај противењето на гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, и градоначалничката Карен Бас, кои предупредија дека федералната интервенција ќе ја влоши веќе кревката ситуација.
Гувернерот Њусом објави дека државата Калифорнија ќе ја тужи администрацијата на Трамп, нарекувајќи го потегот „незаконска наредба“ која, според него, му дава можност на претседателот да испраќа војска каде што ќе посака.
„Секој гувернер, без разлика на политичката припадност, треба да го отфрли ова опасно пречекорување на федералната власт. Ова е јасен чекор кон авторитаризам што ги загрозува темелите на нашата република,“ изјави Њусом на платформата X.
Протестите започнаа во петокот откако агенти на Службата за имиграција и царина (ICE) извршија рации во локални бизниси и приведеа стотици лица осомничени дека нелегално престојуваат во САД. Трамп продолжува со имиграциските акции и покрај силното противење од локалната заедница.







