Долгонајавуваниот систем „Сејф Сити“, чија цел е зголемување на безбедноста и подобрување на сообраќајната култура, ќе биде ставен во целосна употреба од 1 јануари 2026 година, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Станува збор за современ систем со мрежа на камери кои ќе детектираат најразлични сообраќајни прекршоци. Во претстојните месеци се очекува да биде завршена и потребната законска регулатива, со што „Сејф Сити“ ќе добие целосна правна поддршка за имплементација.
– На 1 јануари 2026 година ќе го имаме „Сејф Сити“ со целосна законска имплементација. До тогаш, ги собираме сите влезни податоци за секое возило, почнувајќи од 1 јануари 2025 година, и потоа продолжуваме со оперативна примена. Верувам дека со тоа ќе започнеме нова етапа во сообраќајната култура. Сите ние мора да го промениме односот кон сообраќајот ако сакаме помалку жртви на патиштата – изјави Тошковски.







