Основниот суд во Кочани му одреди мерка притвор од 30 дена на Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, по проширувањето на истрагата од страна на Основното јавно обвинителство – Кочани.
Нацев е осомничен за „тешки дела против општата сигурност“ во врска со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, која во моментот на настанот била обезбедувана од неговата агенција. Обвинителството смета дека тој го раководел деловниот потфат и вкупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и овластеното лице на подружницата во Кочани.
Истрагата открила дека агенцијата „Рубикон“ немала склучено формален договор за обезбедување на дискотеката.
Александар Нацев е универзитетски професор, а јавноста го препознава и како поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.






