Албанската парламентарна комисија за економија и финансии го одобри Предлог-законот за енергетска ефикасност во станбени згради, кој предвидува реновирање на 745.000 објекти низ земјата, јави Албанската радиотелевизија.
Главната цел на законот е да се постигне нула емисија на штетни гасови од станбениот сектор до 2050 година. Реновирањето ќе опфати вкупна површина од 60 милиони квадратни метри.
Заменик-министерката за инфраструктура и енергетика, Енкелејда Мучај, пред Комисијата истакна дека новиот закон воведува повисоки стандарди за градба, со фокус на згради со минимални или нула емисии. Овие стандарди ќе се применуваат и при изградба на нови објекти и при реконструкција на постојните.
Мучај нагласи дека законските измени се усогласени со националните енергетски и климатски цели, како и со обврските што Албанија ги има во рамките на процесот на интеграција во Европската унија.






