Во првите шест месеци од вториот претседателски мандат на Доналд Трамп, бројот на апсења што ги спроведува американската Имиграциска и царинска служба (ICE) надмина 100.000, објави CBS повикувајќи се на владини интерни податоци.
На 2 и 3 јуни биле регистрирани повеќе од 2.000 апсења дневно, што е значителен пораст во споредба со просекот од 660 апсења дневно за време на првите 100 дена од враќањето на Трамп во Белата куќа. За споредба, во последната година од мандатот на претседателот Џо Бајден, ICE бележела околу 300 апсења дневно.
Во четвртокот наутро, ICE држела околу 54.000 лица во своите притворски центри низ САД. Истовремено, администрацијата на Трамп побара од Конгресот дополнителни неколку милијарди долари за вработување илјадници нови службеници за депортација и проширување на капацитетот за притвор на до 100.000 лица истовремено.






