САД ги пренасочуваат противдронските ракети наменети за Украина – ќе завршат на Блискиот Исток
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја прекинала испораката на 20.000 противдронски ракети што првично биле наменети за Украина и ги пренасочила кон американските сили распоредени на Блискиот Исток.
Во интервју за „Еј-Би-Си њуз“, Зеленски изјави дека Киев сметал на овие ракети како клучен ресурс во борбата против интензивираните руски напади со дронови, особено од типот „Шахед“, дронови од иранско производство. Само на 1 јуни, според него, Русија лансирала 472 дрона во текот на една ноќ – досега најголема позната бројка.
Проектот бил договорен со поранешната администрација
„Имаме сериозен проблем со дроновите ‘Шахед’… Секако дека ќе најдеме начин да ги соборуваме, но се потпиравме на овој проект. Станува збор за 20.000 противдронски ракети, не многу скапи, но со специфична технологија“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека договорот бил постигнат со поранешниот американски секретар за одбрана, Лојд Остин, уште за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, како дел од поширока стратегија за воздушна одбрана на Украина.
Русија ги интензивира нападите – САД го менуваат фокусот
Според „Волстрит џурнал“, освен ракетите, администрацијата на Трамп одлучила да пренасочи и специјални детонатори што се користат во напредните системи за пресретнување дронови. Овие компоненти, наместо за Украина, ќе бидат испратени кон американските воени бази на Блискиот Исток, поради зголемени безбедносни ризици во регионот.
Пентагон, според извори од Конгресот, во доверлива кореспонденција информирал дека новиот министер за одбрана, Пит Хегсет, ја смета оваа пренамена за „итна и неопходна мерка“.
Москва подготвува нов масовен напад со дронови
Извор од украинската воена разузнавачка служба за „Киев Индепендент“ изјавил дека Русија се подготвува да лансира над 500 долгодометни дронови во текот на една ноќ, додека паралелно интензивно го зголемува производството и изградбата на нови лансирни позиции.
Претседателот Трамп и во минатото изразуваше скепса околу продолжувањето на воената поддршка за Украина. Во почетокот на годинава, привремено ги прекина испораките на оружје, кои беа обновени дури по постигнувањето на договор за привремено примирје за време на мировните преговори во Џеда, на 11 март.






