Случајот „Рибникар“: Продолжува судењето против родителите на Коста К.
Вишиот суд во Белград на 5 јуни ја продолжи кривичната постапка против родителите на Коста К., момчето кое во мај минатата година изврши масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“, при што загинаа 10 лица. На рочиштето сведочеше судскиот вештак за невропсихијатрија, д-р Анета Лакиќ, која ги презентираше резултатите од психијатриското и психолошкото вештачење на малолетникот, пренесува српскиот весник Блиц.
Според изнесените наоди, Коста К. не покажал каење, иако бил целосно свесен за тежината на своите постапки. Изјавил дека „не би го направил тоа ако знаел какви ќе бидат последиците“, но не изразил чувство на вина. Вештакот посочи дека момчето се обидувало да ја минимизира сериозноста на делото, користејќи одбранбени механизми – на пример, прекинувал разговори и барал да му се повика лекар кога ќе се соочел со непријатни прашања.
Дополнително, момчето било свесно дека поради својата возраст нема да сноси кривична одговорност. Веднаш по нападот, знаел кого да повика и како да се однесува. Изјавил и дека се чувствува безбедно, бидејќи, како што рекол, е „заштитен од одмазда од страна на родителите на жртвите“.
Во текот на вештачењето било утврдено и дека пред нападот пребарувал информации за доживотен затвор и смртна казна, очекувајќи, наводно, да биде испратен во установа каде ќе има „мир и ќе чита книги“.
„Одреден период имал желба да стане ‘психопат’, инспириран од случаи на малолетни убијци од САД, но подоцна се откажал од таа идеја“, било наведено во извештајот на вештакот.
Во однос на семејните односи, момчето изјавило дека бил најблизок со баба му и чичко му, а остатокот од семејството го опишал како „проколнат“. Исто така, давал лажни информации за своето здравје, тврдејќи дека има астма и дека дедо му починал, со цел да избегнува настава.
На прашање од адвокатот зошто не разговарала со родителите на обвинетиот, д-р Лакиќ одговорила дека тоа би можело да влијае врз објективноста на проценката, бидејќи фокусот бил на перцепцијата и расудувањето на момчето во моментот на извршување на делото.
Судската постапка против родителите продолжува.







