Украинските сили нападнаа руски воен аеродром: Оштетени два борбени авиони
Украинските одбранбени сили извршија напад врз рускиот воен аеродром „Саваслејка“ во Нижњеновгородската област, објавија денеска украинските медиуми повикувајќи се на соопштение на Генералштабот на украинската армија објавено на социјалната мрежа Фејсбук.
Според информациите, во ноќта меѓу 8 и 9 јуни, единици на украинските сили за специјални операции во координација со припадници од други гранки на војската извршиле прецизен напад врз овој стратешки важен аеродром на територијата на Руската Федерација, пренесе новинската агенција „Укринформ“.
Како што стои во соопштението, при нападот биле погодени и онеспособени два руски воени авиона.
„Според првичните информации, оштетени се два непријателски авиона, најверојатно МиГ-31 и еден од моделите на Су-30 или Су-34“, соопшти украинската армија преку апликацијата Телеграм.
Аеродромот „Саваслејка“ е еден од клучните руски воени капацитети од кој, според украинските извори, редовно полетуваат авиони МиГ-31К вооружени со хиперсонични ракети „Кинжал“ за напади врз цели на украинска територија.
Од Киев нагласуваат дека нападот е дел од поширока стратегија за неутрализирање на руските воздушни капацитети што директно се користат за изведување на офанзивни операции во тековниот конфликт.






