Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, денеска изјави дека ќе го спречи бродот со хуманитарна помош, на кој се наоѓаат Грета Тунберг и други активисти, да пристигне до Појасот Газа и да ја наруши морската блокада на палестинската територија. Израел ја оправдува блокадата како мерка за спречување на Хамас да се снабдува со оружје.
Активистката за климатски промени, Грета Тунберг, е дел од 12-те активисти на бродот, меѓу кои е и актерот Лијам Канигам, познат од серијата „Игра на тронови“. Целта на нивната мисија е да ја прекинат блокадата и да достават хуманитарна помош, како и да го подигнат нивото на свест за растечката хуманитарна криза во Газа.
Активистите најавија дека планираат да пристигнат до Газа уште денес.
На бродот е и Рима Хасан, француска пратеничка во Европскиот парламент со палестинско потекло, на која ѝ е забранет влез во Израел поради нејзиното противење на израелската политика кон Палестинците.
По речиси тримесечна целосна блокада, Израел минатиот месец почна да дозволува ограничена основна помош за Појасот Газа, но хуманитарните работници предупредуваат на ризик од глад доколку блокадата и конфликтот не бидат прекинати.
Минатиот месец, обидот на друг брод од истата организација да стигне до Газа беше неуспешен откако беше нападнат од дронови во меѓународни води кај Малта. Организацијата го обвини Израел за нападот, при што беше оштетен предниот дел на бродот.






