Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, го одбележа Бадник со хуманитарна акција, помагајќи многу семејства во општината да имаат достојна Божиќна вечера.
„Дарувањето на еден ваков голем и убав христијански празник ги потенцира човечките доблести – солидарноста, хуманоста и грижливоста. Да се дарува значи искрено и од срце да се помогне онаму каде што е најпотребно,“ изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи ја важноста на заедништвото и помошта за оние на кои им е најпотребна.
Тој истакна дека сите граѓани заслужуваат прекрасен Бадник и Божиќ и дека токму ваквите иницијативи ја одразуваат вистинската смисла на празниците – љубовта, грижата и солидарноста.
„Заедно ќе бидеме кога е потребно, заедно ќе успееме во нашите напори Македонија повторно да биде горда земја, во која сите граѓани се среќни да живеат,“ порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот упати честитки до сите православни верници, посакувајќи им здравје, среќа и радост во нивните домови за Божиќните празници.
„Да сте живи и здрави! За многу години!“ – додаде тој.







