Еден од најбогатите Чеси, 74-годишниот милијардер Зденек Пелц, тешко е повреден во сообраќајна несреќа што се случи во средата навечер во близина на местото Нове Страшечи. Во несреќата загина 64-годишниот возач на автомобилот „Шкода Јети“, додека Пелц е во критична состојба и се наоѓа во вештачка кома.
Како што соопшти полицијата, Пелц управувал со автомобил „Лексус“ и се движел од Ревничов кон Нове Страшечи, кога при поминување низ остар лев свиок, од непознати причини преминал во спротивната сообраќајна лента. Тогаш дошло до директен судар со „Шкода Јети“, која се движела од спротивната насока.
„Возачот на ‘Шкода’ почина на лице место поради сериозните повреди“, изјави портпаролката на полицијата, Михаела Рихтерова.
Пожарникарите и итната медицинска помош веднаш интервенираа на местото на несреќата. Спасувачите мораа да користат хидраулична опрема за да го извлечат тешко повредениот Пелц од целосно уништениот автомобил.
„Пациентот веднаш беше приклучен на механичка вентилација и со хеликоптер пренесен во Универзитетската болница Мотол во Прага“, потврди портпаролката на итната помош, Моника Новакова.
Причините за несреќата сè уште се истражуваат, а засега не е познато зошто Пелц го напуштил својот сообраќаен правец.
Зденек Пелц важи за легенда во чешката индустрија – сопственик е на компанија која веќе 42 години функционира како најголема фабрика за производство на винил плочи во светот. Според податоците на списанието „Форбс“, неговото богатство се проценува на 9,4 милијарди чешки круни, што го поставува на 58. место на листата на најбогатите Чеси.






