Германија сега е оценета како најнепријателска земја кон Русија, покажува последната анкета спроведена од московскиот независен институт за јавно мислење Левада.
Според резултатите, 55 проценти од испитаниците ја посочиле Германија како најголем непријател, што претставува значително зголемување во однос на мај 2020 година, кога истиот одговор го дале 40 проценти.
Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави, кои две децении важеа за најголем непријател на Русија, сега се на второто место со 40 проценти, што е пад од 76 проценти од минатата година. Левада го припишува овој пад на подобрувањето на руско-американските односи во период кога претседател е Доналд Трамп.
Германија пак, добива остри критики од руското раководство поради испораките на оружје за Украина, а особено заострување на тонот се забележа откако минатиот месец канцелар стана Фридрих Мерц.
Велика Британија е рангирана како трет најголем непријател со 49 проценти, додека Украина го зазема третото место со 43 проценти од одговорите.
Во истата анкета, испитаниците ги наведоа и петте земји кои според нив имаат најблиски и најпријателски односи со Русија. Осумдесет проценти од нив ја посочија Белорусија, две третини ја избраа Кина, а на трето место е Казахстан. Следуваат Индија со 32 проценти и Северна Кореја со 30 проценти.






