Трамп испрати Национална гарда во Калифорнија по судирите со имиграциските власти
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес и поширокиот регион на Калифорнија, поради жестоките судири меѓу демонстранти и федерални агенти од имиграциските служби. Инцидентите уследија по масовните протести против апсењата на недокументирани мигранти.
„Претседателот потпиша меморандум со кој се гарантира безбедност од анархијата што другите ја дозволија да се прошири“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Според податоците од Министерството за внатрешна безбедност, околу 1.000 демонстранти во петокот нападнале имиграциски агенти. Неколку лица се приведени под сомнение за напад врз федерални службеници.
Белата куќа ја бранеше акцијата на имиграциските служби како „критична мерка за спречување на криминална инвазија од недокументирани лица“, критикувајќи ги локалните власти во Калифорнија. „Неспособните демократски лидери во Калифорнија се откажаа од обврската да ги заштитат своите граѓани“, се наведува во соопштението.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, најави дека војската е подготвена да распореди маринци од базата „Кемп Пенделтон“ доколку насилството продолжи.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој често е во политичка конфронтација со претседателот Трамп, изјави дека испраќањето војска е „долевање масло на оган“ и повика на смирување на тензиите.
Во предградието Парамаунт, каде што живее главно латиноамериканско население, дојде до нови судири меѓу демонстранти и имиграциски агенти. Неколку лица беа приведени, а американското знаме беше запалено на лице место. Демонстрантите фрлаа предмети кон полициските возила, додека властите одговорија со солзавец и шок-бомби.






