Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата испрати отворена закана кон Илон Маск, предупредувајќи дека ќе има „сериозни последици“ доколку милијардерот реши финансиски да ги поддржи демократите во нивната борба против републиканците и претседателскиот закон за намалување на даноците и потрошувачката.
Во телефонско интервју за NBC, Трамп одби да прецизира на какви последици мисли, но рече дека засега не се разговарало за можно истражување на активностите на Маск.
На директно прашање дали смета дека неговиот однос со сопственикот на Tesla и SpaceX е завршен, Трамп кратко одговори: „Претпоставувам, да.“ Тој исто така истакна дека нема интерес да го поправи односот со Маск, додавајќи: „Не.“
Иако конфликтот меѓу двајцата милијардери кулминираше во четвртокот преку социјалните мрежи, каде Маск објави неколку критички коментари за Трамп – вклучително и поддршка за негова импичмент – некои од тие објави беа избришани во обид да се смири тензијата.
Во петокот доцна вечерта, Трамп предложи можност за ревизија на владините договори што компаниите на Маск ги имаат со федералната администрација. Според извори блиски на Маск, неговиот гнев се смирува, и има индикации дека би можел да се обиде да го нормализира односот со Трамп.






