Во Аризона, американската имиграциска полиција (ICE) по грешка го привела заменикот на сојузниот шериф, мислејќи дека се работи за мигрант, објави NBC News. Инцидентот се случил во предворјето на федералната зграда во Тусон, каде агентите го запреле и привеле шерифот поради тоа што одговарал на општ опис на лице кое го барале.
Според соопштението од Службата на федералните шерифи, идентитетот на службеникот брзо бил потврден од други припадници на полицијата, по што тој без проблем ја напуштил зградата. Гласноговорничката Колин Грејман не соопшти повеќе детали, ниту го откри идентитетот на приведениот заменик-шериф.
Министерството за внатрешна безбедност, под чија надлежност работи ICE, сè уште не излезе со официјален коментар за случајот.
Овој инцидент се случува во период кога ICE спроведува масовни апсења на имигранти – само оваа недела биле приведени над 2.200 лица, што претставува рекорден број апсења во еден ден. Акцијата доаѓа како резултат на засилените барања од Белата куќа за поагресивно справување со илегалната миграција.






