Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, преку емотивна објава на својата официјална Фејсбук страница упати остри критики за состојбата со хигиената и општата слика на општината, изразувајќи длабоко незадоволство и загриженост.
„Ќе бидам искрен – срам ми е како изгледа Карпош овие денови“, напиша Јакимовски, посочувајќи на преполните контејнери, расфрланиот смет и запуштените јавни површини. Тој истакна дека го боли фактот што граѓаните кои редовно ги плаќаат своите давачки, не добиваат соодветни услови за живеење.
Градоначалникот призна дека дел од проблемите се надвор од надлежностите на општината, но потенцираше дека тоа не е изговор, туку „чувство на немоќ и горчина што не можам сам да го решам она што е системски проблем“.
Јакимовски апелираше до сите надлежни институции да постапуваат одговорно, нагласувајќи дека Карпош и неговите жители заслужуваат повеќе – чиста средина, функционални сервиси и достоинствено секојдневие.






