ЕВН Хоме, како Универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за втората половина од 2025 година доби најповолна понуда од АД ЕСМ. Државната електроенергетска компанија понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас, што е идентична со цената постигната на претходниот тендер за периодот јануари–јуни 2025 година.
Со оваа понуда, АД ЕСМ ќе ги покрие 100% од планираните количини на електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, кои се снабдуваат преку ЕВН Хоме. Целиот процес се одвива под надзор на Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со законските обврски и веќе воспоставената методологија.
Во наредниот период, ЕВН Хоме ќе ја пресмета новата крајна цена на струјата за корисниците, земајќи ги предвид сите влезни параметри. Во таа цена, покрај цената по која се набавува електричната енергија од АД ЕСМ, се вклучуваат и трошоците за пренос преку МЕПСО, пазарниот оператор МЕМО и дистрибутивниот оператор Електродистрибуција.
И покрај глобалните флуктуации на енергетските пазари, цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме останува стабилна веќе една година.






