Популарната апликација YouTube официјално престана да ја поддржува верзијата на iOS 15 и iPadOS 15, што значи дека многу постари iPhone и iPad уреди повеќе не можат да ја користат оваа апликација. Последното ажурирање на YouTube, верзија 20.22.1, го отстрани пристапот за уреди со овие оперативни системи.
Оваа промена најмногу ќе ги засегне сопствениците на постари модели на Apple, кои не можат да го надоградат својот уред на iOS 16 или понова верзија. На списокот на уреди кои остануваат без официјална поддршка се: iPhone 6s, iPhone 6s Plus, iPhone 7, iPhone 7 Plus, првата генерација на iPhone SE, iPad Air 2, iPad mini 4 и iPod touch од седмата генерација.
Иако официјалната апликација повеќе не е достапна за овие уреди, корисниците сепак можат да пристапат до YouTube преку веб-прелистувачот на адресата m.youtube.com. Ова решение не нуди исто корисничко искуство како апликацијата, но сепак овозможува следење видеа без потреба од надградба на уредот.
Во меѓувреме, Google продолжува да ја унапредува апликацијата YouTube, воведувајќи нови функции како минималистички плеер, интеграција на Lens во YouTube Shorts и тестирање на вештачка интелигенција во пребарувањето на видеа. Исто така, најавен е и нов YouTube Premium план за два корисника, наменет за парови или цимери.







