Министерството за внатрешни работи соопшти дека во периодот на изборниот молк, од 18 октомври до утрово во 7 часот, биле евидентирани 20 пријави за нарушување на изборниот молк низ целата земја.
Најмногу случаи се забележани на територијата на СВР Скопје – шест, следуваат Куманово со четири пријави, Велес со три, по две во Охрид, Штип и Битола, и една пријава во Струмица.
„По преземените мерки, не се потврдени пријавите за 15 од настаните“, соопшти МВР.
Покрај тоа, регистрирани се 47 објави на социјалните мрежи кои го прекршиле изборниот молк, главно преку повици за гласање за одредени кандидати или преку видеа и фотографии од партиски активности во изборните штабови.
Министерството исто така информира дека гласањето на болните и изнемоштените лица, како и на лицата во затвори и притвор, се одвивало без проблеми, освен еден изолиран настан кој бил навремено решен.






