Силното невреме што вчера го зафати струмичкиот регион, проследено со дожд, силен ветер и град, предизвика сериозни штети на земјоделските површини и пластениците во селата Муртино, Еднокуќево и Босилово.
Според мештаните, најголема штета е причинета врз пластениците, кои под налетите на силниот ветер се урнати и уништени, а дел од обработливото земјиште е поплавено.
По случувањата, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, се огласи на својот фејсбук профил, информирајќи дека веднаш е формирана Комисија за проценка на штетите во селото Муртино. Тој ги повика сите жители кои претрпеле штета да ја пријават во Општината почнувајќи од понеделник.
И градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, потврди дека штети се евидентирани и во селата Еднокуќево и Босилово, а локалната самоуправа ќе донесе одлуки за следни мерки по целосната проценка што ќе се изврши наредната недела.
Општините апелираат на трпение и координација од граѓаните додека се работи на утврдување на обемот на штетите и можностите за поддршка на погодените земјоделци.







