На 4 јуни 2025 година, полициски службеници од ОВР Кичево постапиле по пријава од граѓани во врска со активностите на дивата депонија во кругот на поранешниот Керамички комбинат „Вранешница“. Полицијата повикала на информативен разговор девет вработени во Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кичево, кои биле затекнати како одлагаат отпад на непогодно и неовластено место.
Според информациите, постои основано сомнение дека е сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“ согласно член 230 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
На разговор бил повикан и директорот на ЈП „Комуналец“, кој е опфатен со сомнение за сторени кривични дела по член 230 и член 353 од КЗ – „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Известено е надлежното Јавно обвинителство и под негово водство се преземаат понатамошни мерки за целосно расчистување на случајот.
Случајот повторно го отвора прашањето за управувањето со отпад и контролата над јавните претпријатија во делот на заштита на животната средина.






