Русија во текот на ноќта изврши интензивен напад со ракети и дронови врз главниот град на Украина, Киев, при што загинаа четири лица, а повеќе од 20 беа ранети, соопштија украинските власти.
Нападот уследи откако рускиот претседател Владимир Путин, преку американскиот лидер Доналд Трамп, испрати предупредување дека Москва ќе возврати на неодамнешниот украински напад со дронови во кој беа уништени неколку стратегиски руски бомбардери длабоко во руската територија.
Министерството за одбрана на Русија потврди дека е извршен масовен напад врз украински воени цели, кој, според Москва, претставува одговор на „украински терористички акти против Русија“. Нападите биле изведени од воздух, море и копно, при што биле погодени неколку воени и поврзани цели.
Руската армија истовремено објави дека презела контрола врз селото Федоривка во источна Украина.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека 16 од повредените се хоспитализирани, а подземната железница е делумно оштетена, откако ракета погодила воз меѓу две станици. Во Соломјанскиот реон, руски дрон удрил во станбена зграда, оставајќи огромна дупка и траг од пожар, додека паднати бетонски блокови здробиле автомобили.
Украинските власти соопштија дека Русија во текот на ноќта испратила 452 дрона, вклучувајќи и ирански „Шахед“ самоубиствени дронови, како и 45 ракети од различен тип. Противвоздушната одбрана успешно пресретнала 199 дронови и 36 ракети, меѓу кои и балистички ракети „Искандер-М“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот, нарекувајќи го „уште еден масовен удар врз градовите и секојдневниот живот“ и порача дека Русија мора да сноси одговорност.
Нападот се случи по еден од најсмелите украински напади од почетокот на војната, кога дронови скриени во дрвени куќички успеале да уништат стратегиски руски бомбардери на руска територија.







