Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше милијардерот Илон Маск, изразувајќи разочараност поради неговото јавно противење на сеопфатниот закон за намалување на даноците и буџетските трошоци, кој претставува клучен дел од економската агенда на Трамп.
„Гледајте, со Илон имавме одлична соработка. Не знам дали ќе продолжи така. Сè уште не кажал ништо лошо за мене лично, но сигурен сум дека тоа е следно. Длабоко сум разочаран… многу му помогнав“, изјави Трамп од Овалната соба.
Тој истакна дека критиките на Маск кон законот најверојатно се мотивирани од предлогот за укинување на даночните поволности за електрични возила. Маск, извршниот директор на „Тесла“, претходно изјави дека се противи на законот бидејќи, според него, значително ќе го зголеми федералниот буџетски дефицит.
Трамп дополнително сугерираше дека Маск, кого неодамна го пофали за ангажманот околу намалување на државните трошоци, всушност е вознемирен затоа што повеќе не е дел од неговата администрација.
„Не е прв што заминува. Луѓето си одат од администрацијата. Некои го прифаќаат тоа, други стануваат непријателски настроени“, додаде Трамп.
Маск возврати преку платформата Х, порачувајќи дека не се противи на укинување на субвенциите за електрични возила, сè додека републиканците од законот не ги отстранат, како што ги нарече, „планините одвратна расипност“, алудирајќи на непотребната јавна потрошувачка.
Најбогатиот човек на светот влезе во администрацијата на Трамп со амбициозен план да ги намали федералните трошоци за два трилиони долари, но замина минатата недела со реализација на намалување од само половина процент.
Маск беше еден од најгласните сојузници на Трамп, вложувајќи речиси 300 милиони долари за поддршка на републиканците на изборите во 2024 година, а подоцна го предводеше новоформираното Одделение за ефикасност на владата (DOGE).
По изјавите на Трамп, акциите на „Тесла“ продолжија да паѓаат.







