Новoизбраниот полски претседател Карол Навроцки, кој доаѓа од редовите на конзервативниот блок, остро го нападна актуелниот премиер Доналд Туск, нарекувајќи го „најлошиот премиер што Полска го имала од падот на комунизмот во 1989 година“.
Во своето прво телевизиско интервју по победата на претседателските избори одржани во неделата, Навроцки испрати јасна порака дека Туск може да очекува „силен отпор од претседателската палата“, додавајќи дека „ќе одговори цврсто и решително на секоја провокација“.
Политичките тензии во Полска растат откако Тусковата коалиција од центар-лево ја презеде власта кон крајот на 2023 година. Изборната победа на Навроцки — кој беше поддржан од националистичката партија Право и правда (PiS), предводена од Јарослав Качински — се смета за сериозен предизвик за амбициите на Туск во насока на зацврстување на евроинтегративниот курс на земјата.
Навроцки, историчар по професија и изразен евроскептик, ќе има можност да става вето на секој закон предложен од Владата, што може значително да ги закочи реформите што Туск ги најави. Токму поради тоа, премиерот најави гласање за доверба на Владата во парламентот, закажано за 11 јуни, со цел зацврстување на парламентарното мнозинство.
Иако во предизборната кампања Навроцки отворено истакнуваше дека неговата цел е соборување на Владата на Туск, тој во исто време посочи дека е подготвен на соработка во прашањата од национален интерес и важност за благосостојбата на полскиот народ.







