Руски ракетни и дронски напади врз Киев: Најмалку четворица загинати, повеќе од 20 повредени
Русија ноќеска изврши масовен напад врз Украина со балистички ракети и дронови, испалени од повеќе правци, соопшти украинското воено воздухопловство утрово преку Telegram, а пренесе CNN.
Во главниот град Киев се забележани повеќе пожари, предизвикани од остатоци од дронови и експлозии, додека украинската противвоздушна одбрана се обидуваше да ги неутрализира ракетите. Според началникот на Воената управа на градот Киев, Тимур Ткаченко, руските сили нападнале станбени објекти, при што е оштетена една повеќекатница во Соломенскиот реон.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека пожари избувнале и во Голосеевскиот и Дарницкиот реон, а противвоздушната одбрана била активирана во Оболон. „Нападот врз главниот град продолжува. Останете во засолништа!“, повика Кличко преку Telegram.
Загинати и повредени, штета врз инфраструктурата
Според украинските власти, во нападите загинале најмалку четири лица, а 20 се повредени. Од нив, 16 се хоспитализирани. Нападот предизвикал значителна материјална штета врз енергетската и железничката инфраструктура во главниот град.
Спасувачките служби работат на терен и трае потрагата по преживеани на неколку локации. Украинскиот информативен портал Ukrinform пренесе дека по падот на остатоци од дронови, избиле пожари во повеќе делови од градот.
Поради оштетувањата, 2.167 домаќинства на левиот брег на Дњепар останале без електрична енергија, соопштија локалните комунални служби.
Руските гранатирања ја оштетија и железничката мрежа во областа Киев, поради што неколку возови беа пренасочени по алтернативни рути. Според градоначалникот Кличко, поправките на деловите од метрото погодени од нападот ќе траат најмалку 24 часа.
Вонредна состојба и напади низ Украина
Во текот на ноќта, низ цела Украина беше прогласена воздушна опасност поради нови закани од ракетни и дронски напади. Експлозии се пријавени и во Тeрнопол, Хмељницки, Лавов и Луцк.
Овој ракетен напад доаѓа само неколку дена откако украинските безбедносни сили изведоа серија смели дронски напади длабоко на руска територија, при што беа погодени воени бази и оштетени повеќе руски авиони.






