Научници од Институтот „Макс Планк“ за однесување на животни регистрирале вознемирувачко и досега недокументирано однесување кај мајмуните капучини – киднапирање бебиња од друг вид примати.
Првиот ваков случај бил забележан во јуни 2022 година, кога истражувачката Зои Голдсборо снимала млад мажјак капучин како носи бебе мајмун од друг вид. По детална анализа на снимките од камерите поставени на островот Хикарон, во близина на пацифичкото крајбрежје на Панама, научниците откриле уште десет слични случаи.
Иако киднапираните бебиња не биле повредени, мажјаците не покажувале грижа, а дел од бебињата починале од глад бидејќи мажјаците не можат да ги дојат. Интересно е што ова однесување не било веднаш прифатено од другите мажјаци во групата, туку почнало да се шири пет месеци подоцна.
Причините за ова однесување сè уште се нејасни. Истражувачите претпоставуваат дека досадата може да игра улога, бидејќи на островот нема природни предатори и капучините се соочуваат со мала конкуренција. Сепак, приматологот Сузан Пери, која не учествувала во истражувањето, има поинакво мислење. Според неа, мажјаците можеби го прават тоа за да изградат сојузништва и врски, како што тоа понекогаш го прават со млади од сопствениот вид.
Капучините од Хикарон и претходно привлекувале внимание кај научниците, бидејќи се единствените познати мајмуни што редовно користат камени алатки – уште една потврда за нивната висока интелигенција и комплексно социјално однесување.







