Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побарала од Србија и неколку други балкански држави да прифатат мигранти кои ќе бидат депортирани од САД, објави угледниот американски медиум Блумберг, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со темата.
Според информациите, ова е дел од поширока стратегија на Белата куќа за идентификување земји кои би биле подготвени да примат странски државјани што треба да бидат протерани од американска територија. Засега не се прецизира кои други балкански земји се вклучени во оваа иницијатива.
Блумберг потсетува дека минатиот месец Врховниот суд на САД ѝ дозволи на администрацијата да го укине привремениот заштитен статус на стотици илјади мигранти од Венецуела, Куба, Хаити и Никарагва, отворајќи пат за нивна депортација.
Американската влада, според медиумот, сега активно бара алтернативни земји каде што овие мигранти би можеле да бидат испратени. Иако Белата куќа, Стејт департментот и српското Министерство за надворешни работи сè уште не излегле со официјален став, извештајот веќе предизвика реакции во медиумите и јавноста.
Дополнително, Блумберг посочува дека Србија има и економски значење за семејството Трамп – во Белград се планира изградба на облакодер, инвестиција зад која стои компанија ко-основана од Џаред Кушнер, зетот на претседателот Трамп.






