Германија ќе треба да регрутира дополнителни 50.000 до 60.000 активни војници за да ги исполни новите безбедносни цели поставени од НАТО, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во четвртокот, во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на Алијансата во Брисел.
Писториус нагласи дека претстојниот самит на НАТО треба јасно да ја дефинира Русија како најголема закана за Алијансата, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
На состанокот ќе присуствува и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој изрази уверување дека земјите-членки на НАТО ќе се согласат со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за значително зголемување на трошоците за одбрана. Според Хегсет, оваа одлука треба да се формализира најдоцна до самитот на Алијансата што ќе се одржи подоцна овој месец.
Претседателот Трамп побара од сојузниците во НАТО да го зголемат финансирањето за одбраната на најмалку 5 проценти од бруто-домашниот производ, што претставува значително повисока цел од актуелната обврска од 2 проценти.
„За да бидете сојуз, мора да сте повеќе од знамиња. Мора да имате вистински формации, вистински капацитети. Мора да сте повеќе од конференции“, изјави Хегсет по пристигнувањето во Брисел.







