Францускиот министер: Наркокартелите стојат зад нападите врз затворите – обвинителството за тероризам ја презеде истрагата
По серијата координирани напади врз затвори низ повеќе градови во Франција, министерот за внатрешни работи, Бруно Ретајо, изјави дека Националното обвинителство за борба против тероризмот веќе презема активности и располага со потребните ресурси за справување со ситуацијата.
Ретајо, во изјава за RTL, нагласи дека зад нападите најверојатно стои нарко-мафијата. „Моето цврсто убедување, кое го делат и повеќе агенти од Министерството за внатрешни работи, е дека имаме работа со таканаречениот ‘нарко-олош’. Тие можеби не ни објавија војна, но ние ним – да, преку законите за борба против трговијата со дрога“, рече тој.
Од неделата досега, нападнати се околу десет затвори, но изминатата ноќ поминала мирно. Министерот истакна дека сторителите ќе бидат пронајдени, потсетувајќи на апсењето на бегалецот Мохамед Амра во Романија.
Иако засега нема уапсени, истрагата не ја исклучува можноста за вмешаност и на екстремната левица, како ни на странски фактори. Сепак, Ретајо смета дека најверојатна е поврзаноста со криминални наркоструктури.
„Се работи за луѓе без капацитет – им било наредено да ги палат автомобилите на чуварите, а тие запалиле возила на затвореници“, изјави тој со доза на иронија.
Француското обвинителство за борба против тероризмот официјално отвори истрага во вторникот, откако изминатите денови беа извршени напади на затвори во неколку градови. Првиот инцидент се случи во неделата во Ажен, каде беа запалени седум возила пред Националното училиште за кадри во затворската служба (ENAP).
Во ноќта меѓу понеделник и вторник, напади беа регистрирани и во Тулон, каде се пукаше кон затворската ограда со автоматско оружје, како и во Нантер, Марсеј и Ним, каде беа запалени возила на затворски паркинзи.
Извори блиски до истрагата посочуваат дека нападите биле координирани и претставуваат реакција на заострувањето на затворскиот систем, односно воведувањето на затвори со највисоко ниво на безбедност и новата стратегија на Министерството за правда во борбата против трговијата со дрога.






