Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин чувствува дека делува неказнето за воените злосторства и за бројните напади врз Украина, поради што сега подготвува одговор на украинските напади врз руски аеродроми.
„Со секој нов удар, со секое одложување на дипломатските мерки, Русија му покажува среден прст на целиот свет – на сите што сè уште се двоумат да го засилат притисокот врз неа. А всушност, Русија треба да бара мир. Токму во Москва треба да почнат да чувствуваат дека војната има цена, висока цена, и дека најскапо мора да плати агресорот“, порача Зеленски во објава на социјалната мрежа Х.
Тој предупреди дека доколку светот реагира млако на руските закани, Путин тоа го доживува како подготвеност да се затворат очите пред неговите постапки на глобално ниво.
„Кога не чувствува сила и притисок, туку гледа слабост – тогаш секогаш следуваат нови злосторства. Таквиот став тој го гледа како премолчена дозвола: дозвола за нови злосторства, нови удари, нови убиства“, изјави украинскиот претседател.
Зеленски посочи дека од почетокот на годинава руската армија спровела масовни напади врз Украина, користејќи речиси 27.700 авио-бомби, околу 11.200 дронови од типот „Шахед“, близу 9.000 други борбени беспилотни летала и повеќе од 700 ракети, вклучувајќи и балистички.
„Русија ја реструктуираше целата своја држава, општество и економија со цел да убива луѓе во други земји во масовни размери и неказнето“, рече тој.
По повод Денот на сеќавање на убиените украински деца во руската агресија, Зеленски упати апел до меѓународната заедница: „Путин мора да биде запрен. Секој што не го прави тоа, ја дели одговорноста со него.“
Претходно денес, поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека Путин му соопштил во телефонски разговор дека Русија ќе мора да одговори на украинските напади врз руските аеродроми. Кремљ не ја потврди оваа информација.







